Германската влада годинава го собори рекордот во извоз на оружје, одобрувајќи продажба во вредност од најмалку 11,71 милијарди евра, покажуваат официјалните податоци.
Досегашниот рекорд од 9,35 милијарди евра од 2021 година е надминат уште во средината на декември, за 25 отсто, покажуваат податоците што ги објави Министерството за економија на барање на германскиот парламент.
Во споредба со минатата 2022 година, сумата е поголема за 40 отсто, што ја одразува двојно поголемата вредност на испораките н оружје во Украина, која изнесува 4,15 милијарди евра.
Речиси 90 отсто од извезеното оружје и воена опрема оваа година биле испорачани во други членки на Европската унијај и на НАТО, во Украина и земји како Јапонија, Австралија и Јужна Кореја.
Владата, исто такам даде зелено светло за извоз во вредност од 1,18 милијарди евра на група „трети земји“ како Израел, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
Испораките во Израел годинава се зголемиле за десет пати и достигнале 323,2 милиони евра. Владата ги издала повеќето од над 200 извозни дозволи по 7. октомври и упадот на палестинската милитантна група Хамас на израелска територија.