![operacija transplantacija presaduvanje](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/01/operacija-transplantacija-presaduvanje.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Германските кардиохирурзи сметаат дека за најмногу две години ќе успеат да пресадат модификувано свинска срце на човек и очекуваат дека исходот ќе биде подобар од оној постигнат по првата таква трансплантација во светот за којашто известија нивните колеги во САД.
„Во завршната фаза сме… Ни недостига уште една важна компонента и работиме на тоа“, изјави претходно седмицава кардиохирургот Бруно Рејхарт, член на истражувачката група при Универзитетот Гросшадерн во Минхен.
За пресадувањето ќе послужат помалите свињи од расата „окленд“ од Нов Зеленд кои се генетски модифицирани, додава Рејхарт. Животните мора да бидат тешки меѓу 70 и 90 килограми, бидејќи во спротивно нивното срце би било преголемо за луѓето.
По процесот на модифицирањето, срцата прво ќе бидат испитани на бабуните, вели 80-годишниот Рејхарт кој со оваа дејност се занимава веќе со децении. Мајмуните со свинско срце би требало да преживеат една година пред да започнат испитувањата кај луѓето.
Пресадувањето на органи од еден животински вид на друг, процес кој се нарекува ксенотрансплатација, напредувала со големи чекори минатата 2022 година, кога хирурзите во американската сојузна држава Мериленд првпат кај човек пресадија срце од свиња.
„Тоа што пациентот проживеа два месеца, земајќи ги предвид сите негови коморбидитети, е добар резултат“, оценува Рејхарт.
Тимот од Медицинскиот универзитет во Мериленд во јануари минатата година трансплантираа срце од свиња со десет модификации на, како што објавија, смртно болен човек.
По децениите ксенотрансплантациски истражувања, стручњаците се уверени дека срцето од свиња би можело да биде „одржлива опција“ за пациентите на коишто им е потребно ново срце.
Рејнхарт, кардиохирурзите Кристијан Хагл и Паоло Бренер, заедно со ветеринарот Екхард Волф, се меѓу водечките стручњаци во истражувањата во сферата на ксенотрансплантацијата. Оваа експертска група во Минхен пред седум години започна успешни експерименти со бабуни кои преживеале и до половина година по пресадување на свинско срце.
„Мојата намера е резултатот од операцијата да биде поуспешна од онаа ланската во Мериленд“, вели Рејхарт кој поради својата возраст повеќе не оперира, но вели дека „би сакал да биде во салата кога операцијата ќе биде успешна“.