Германските лекари објавија на интернет свои голи фотографии протестирајќи поради недостиг од заштитни медицински маски и ракавици, поради што се изложени на зголемен ризик од зараза со новиот тип коронавирус.
Разголените фотографии на медицинските работници кои со книги и цвеќиња ги прекриваат интимните делови од телото, претставуваа порака до политичарите дека на лекарите, медицинските сестри и медицинските техничари треба да им осигураат доволно заштитна опрема.
„Научив да шијам рани, зарем сега треба да знам да шијам маски“, пишува на еден транспарент кој го носела лекарка.
Со 156.000 потврдени случаи и околу 5.900 починати од болеста Covid-19, Германија се справува со пандемијата на коронавируост многу поуспешно отколку САД, Италија, Шпанија и Франција, кои се водечки според црниот биланс од пандемијата. Меѓутоа, како и овие земји, и Германија има недостиг од лична заштитна опрема.
Германските лекари на „голиот протест“ ги инспирираше Ален Коломби, францускиот лекар кој во март објави своја разголена фотографија поради истите причини.
Владата на германската канцеларка Ангела Меркел планира финансиска помош за производителите на запштитната медицинска опрема и ги зголеми порачките од странство.
Германски воен транспортен авион донесе во понеделникот десет милиони медицински маски од Кина, а министерството за финансии за таа цел издвои дополнителни осум милиони евра. Зголемената потреба од медицински маски произлезе од мерките на германските сојузни покраини за задолжително носење маски во јавниот превоз и во продавниците.