По неуспешните преговори со Германските железници (Deutsche Bahn – DB), синдикатот на машиновозачите GDL за понеделник најави нов штрајк кој треба да започне во четврток и да заврши во петок.
„Штрајкот на машиновозачите во патничкиот сообраќај ќе започне во четврток во 2 часот по полноќ и треба да трае 35 часа“, изјави директорот на синдикатот на машиновозачите GDL, Клаус Веселски.
После тоа треба да следуваат низа штрајкови кои GDL повеќе нема да ги најавува однапред. „Ова ќе ја направи железницата повеќе да не е сигурно превозно средство“, рече Веселски.
Го обвини раководството на DB за прекин на преговорите за платите и работното време, кои, како што рече, „не мрднале ни милиметар“.
Спорно прашање останува барањето на GDL за намалување на работното време од 38 на 35 часа месечно, со иста плата. DB предложи флексибилен модел, но со откажување на дел од платата. По неколку седмици, преговорите беа прекинати во текот на викендот.
GDL и DB преговараат од ноември, а во овој период машиновозачите штрајкуваа четири пати.
Министерот за транспорт Волкер Висинг апелираше до ГДЛ да се откаже од своите „максимални барања“ и да се врати на преговарачката маса.
Здружението на железнички патници Про Бан ги обвини двете страни дека ја отежнуваат ситуацијата за патниците во железницата и ги загрозуваат напорите да се убедат граѓаните да користат јавен превоз.
„Она што се случува помеѓу GDL и DB е невозможно да им се објасни на патниците“, соопштија од ProBahn. Ова здружение апелираше до државата, која е сопственик на DB, да интервенира во корист на патниците.