Главните германски политички партии се договорија во петокот дека во знак на пиетет кон жртвите од терористичките напади во Барселона ќе ги ограничат настапите во рамките на предизборната кампања, но оти нема да ја прекинат.
„Предизборната кампања ќе продолжи но се договоривме дека следните два дена ќе се откажеме од гласна музика и слични елементи на предизборните настапи“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел по договорот на претставниците на парламентарните партии Унијата CDU/CSU, Социјалдемократската партија на Германија (SPD), партиите Зелени и Левица, како и Либерално-демократската партија (FDP) којашто во моментов не е застапена во парламентот.
Меркел додаде дека на собирите во рамките на предизборната кампања со минута молчење да одаде почест за жртвите на терористичките напади во Барселона чиј број се зголеми на 14. Таа појасни дека во петокот утрото телефонски разговарала со претседателите на партиите, со исклучок на десничарската европскептична и антидоселеничка Алтернатива за Германија (AfD).
„По нападот размислував за натамошните ограничувања во рамките на предизборната кампања, но одлучивме да продолжиме со кампањата, бидејќи изборите и седмиците коишто ни претстојат претставуваат славење на демократијата, а со тоа и на нашата слобода“, изјави Меркел и додаде дека „нашата сила“ е токму во слободата и почитувањето на поединците.
Канцеларката Ангела Меркел во петокот утрото телефонски разговарала со шпанскиот премиер Маријан Рахој, и во името на владата на Германија му изразила сочувство.
„Овие смртоносните напади повторно ни покажаа со кое количество презир кон луѓето настапува исламистичкиот тероризам. На овие убијци нема да им дозволиме да нѐ оттргнат од нашиот пат и да го живееме нашиот живот на наш начин“, изјави Меркел којашто истакна дека токму Брселона стои како симбол за ваквиот отворен животен стил на „слободниот свет“.
Социјалдемократскиот канцеларски кандидат и претседател на SPD, Мартин Шулц, исто така, ја бранеше одлуката предизборната кампања за парламентарните избори кон крајот на септември да продолжи без пауза поради терористичките напади.
„Во деновите како овој и во текот на предизборната кампања, значи во рамките на политичкото соочување, важно е демократите да испратат јасен сигнал кој зборува за збиени редови. Пораката до терористите мора да гласи: вие нема да победите“, изјави Шулц.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во пораката до шпанскиот крал Фелипе Шести изрази сочувство во името на германскиот народ. „Како Европејци и пријатели на Шпанија, сите ние се чувствуваме погодени. Но овој терор нема да ги уништи напите отворени општества“, вели Штајнмаер.
И Германскиот сојуз на исламските културни центри (VIKZ) го осуди нападот во Шпанија. „Теророт е против не само човековите права, туку и на Божјиот закон. Тој не е споив ниту може да се оправда со исламската вера“, се наведува во соопштението.
Очекувано партијата AfD за нападите во Каталинија ја обвини мигрантската политика.
„Нападите во Барселона покажуваат дека тука станува збор за пропаста на политиката на отворени граници и преблагата доселеничка политика. Наивната политика на доселувања ја доведува во опасност нашата безбедност, ги убива луѓето и нашиот мир го става на коцка“, изјави кандидатката на AfD на парламентарните избори, Алцие Ведел.
Според податоците на германското министерство за надворешни работи во напади во Барселона и околината се повредени 13 германски државјани, од кои неколку потешко. Вестите за тројца германски државјани меѓу загинатите, министерството не сакало ниту да ги потврди, ниту да ги демантира.