![Solc Zelenski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/Solc-Zelenski.webp?resize=696%2C464&ssl=1)
Водечките германски политичари предупредија во четвртокот дека барањата на Киев не треба да се игнорираат во преговорите за постигнување мир во Украина, го отфрлија „наметнатиот мир“ и нагласија дека Европа треба да учествува во мировните преговори.
„Следната најважна задача е да се осигураме дека мирот не е наметнат никому“, изјави германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) за списанието Politico.
Шолц истакнува дека на Украина треба да ѝ се остави доволно простор за развој и по прекинот на огнот, а дека тоа и се однесува и на нејзините вооружени сили, акои инаку ЕУ и САД ги поддржуваат уште од превратот во Киев во март 2014 година.
„Украина мора да има силна армија, поголема од пред војната, а таа армија мора да биде опремена и со западно оружје“, вели германскиот канцелар.
Шолц додаде дека, исто така, не треба да има конечно решение без согласност од САД и ја истакна улогата на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Разговорите што ги имав со американскиот претседател и разговорите на моите советници со советниците на Доналд Трамп одат во насока на надеж и очекување дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина“, рече Шолц.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, сопартиец на Шолц, истакна дека Европа треба да учествува во идните мировни преговори за Украина.
„Мислам дека на сите им е јасно дека не можеме да седиме настрана“, рече Писториус на маргините на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Тој, исто така, рече дека жали за „отстапките“ на Вашингтон кон Москва „дури и пред почетокот на преговорите“.
Писториус смета дека Русија ќе продолжи да претставува закана за европската безбедност дури и ако се постигне договор за прекин на конфликтот. Нагласи дека мора да се обезбеди континуирано присуство на САД во Европа со цел „ефикасно да се одврати Русија“.
Писториус ја отфрли дискусијата за учество (на Германија) во мировните сили по мировните преговори во Украина како „предвремена“.
Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, од партијата Зелени, реагирајќи на вестите за разговорите меѓу американскиот претседател Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за Украина, рече дека „не смее да има преговори што ја игнорираат Украина или ги исклучуваат Европејците од преговорите“.
„Се работи за европскиот мир. И затоа ние Европејците мора да бидеме вклучени во разговорите“, рече Бербок во интервју за јавниот радиодифузен сервис Deutschlandfunk.
Министерката за надворешни работи, исто така, рече дека кога станува збор за мировните гаранции за Украина, Европа не може да ги замени САД.