Германско истражување: Вработените од дома имаат значително помалку здравствени проблеми

Вработените кои работат од дома имаат многу помала веројатност да се жалат на здравствени проблеми отколку вработените кои работат во канцеларија, според студијата на Универзитетот во Констанц во Германија објавена во средата.

„Работниците кои мораат да бидат присутни на работното место имаат двојно поголема веројатност да се жалат на здравствени проблеми, како што се исцрпеност или стрес, отколку работниците кои работат од дома“, вели водачот на студијата Флоријан Кунзе од Универзитетот во Констанц.

Во исто време, според студијата, вработените присутни на работното место не чувствуваат дека нивниот учинок е поголем отколку кога работеле од дома.

„Компаниите треба по секоја цена да ги земат предвид резултатите од оваа студија кога донесуваат одлуки дали да ги принудат оние што работат во домашни услови да се вратат на нивните работни места“, вели Кунзе.

Коавторот на студијата Килијан Хампел посочува на податоците од студијата кои покажуваат дека третина од водечкиот кадар смета дека враќањето на обврската за доаѓање на работното место има смисла, додека само една петтина од вработените го делат истото мислење.

Според последните податоци за 2022 година, 24 отсто од вработените во Германија работеле од дома постојано или повремено.

Според истражувањето на Институтот YouGov, дури 47 отсто од испитаниците би почнале да бараат нова работа доколку работодавачот им забрани да работат од дома.

По пандемијата, за време на која работата од дома мораше да се овозможи секогаш кога е возможно, работодавачите се враќаат на обврската за присуство на работното место, при што многумина користат модел во кој 60 отсто од работното време се троши на работното место, а 40 отсто на домашни услови.