Германските обвинители го истражувале починатиот поглавар на Римокатоличката црква, папата Бенедикт Шеснаесетти како можен соучесник во сексуално злоставување во текот на неговиот архиепископат во јужна Германија, но истрагата била запрена поради недостиг од докази, соопштија во вторникот обвинителите во Минхен.
Истрагата опфатила тројца високи католички свештеници, велат истражителите. Меѓу нив се покојниот папа Бенедикт, кој како кардинал Јозеф Рацингер беше надбискуп на Минхен и Фрајзинг од 1977 до 1982 година, како и неговиот наследник, кардиналот Фридрих Ветер и потоа генералниот викар Герхард Грубер, кој извршувал административни должности во надбискупијата.
Сепак, еден по друг случаите биле отфрлани откако истрагите не обезбедиле соодветни докази за криминално однесување од страна на одговорните за црковниот персонал, рекле обвинителите. Тие истражувале повеќе од 40 случаи на сомнителни кривични дела поврзани со извештајот за злоставвуања, објавен во јануари 2022 година. Просториите во архиепископијата беа претресени во февруари минатата година.
Починатиот папа Бенедикт беше на удар на критики затоа што не постапил доволно решително против свештениците обвинети за злоставувања во текот на неговиот мандат како надбискуп и префект на Конгрегацијата за доктрина на верата, меѓу 1981 и 2005 година. За папа беше избран во април 2005 година и се повелеч поради лошото здравје во февруари 2013-та. Почина во декември 2022 година на 95-годишна возраст.
Во извештајот за сексуална злоупотреба во архиепископијата Минхен и Фрајзинг, објавен на почетокот на 2022 година, се наведува дека меѓу 1945 и 2019 година имало најмалку 497 жртви и 235 наводни сторители на злоставувања. Во Германија од неодамна сѐ повеќе католички верници ја напуштаат црквата, што се смета дека е резултат на извештаите за прикривање на сексуална злоупотреба на деца и млади луѓе, забележува агенцијата DPA.