Федералната разузнавачка служба на Германија (BND) во текот на долги години ги шпионирала канцеларите на меѓународната полициска агенција Интерпол, пишува во саботата германскиот весник Spiegel, повикувајќи се на доверливи документи во коишто имал увид.
Според чувствителните материјали, пишува весникот, германското разузнавање го надзирала Интерпол почнувајќи околу 2000 година. Документите содржеле информации со податоци дека биле шпионирани десетици ограноци на меѓународната криминалистичка полиција, вклучително и во седиштето на Интерпол во францускиот град Лион.
Под надзор на германското разузнавање биле ставени, исто така, и канцелариите во САД, Италија, Шпанија, Австрија, Белгија, Данска и Грција. Севкупно, неколку десетици одделенија на Интерпол биле ставени под надзор на германското разузнавање, од Латинска Америка до Русија, пишува весникот.
Во Интерпол членуваат 190 земји, а германската канцеларија се наоѓа во Визбаден.
Покрај тоа, бил вршен надзор и над Европол, полициската служба на Европската унија чиешто седиште е во Хаг, како и неколку странски национални полициски власти, пишува весникот.
Биле следени, исто така, и електронските адреси, броевите на телефоните и на факсовите на инспекторите на Интерпол, а податоците за тоа BND ги чувала на ткн селектирана листа.
Ниедна од споменатите агенции не сакала да го коментира извештајот. Портпаролот на BND само изјавил дека оперативните работи на агенцијата се исклучиво под надзор на сојузната влада и на надлежните тела на германскиот Бундестаг.
Во текстот на Spiegel се истакнува дека според законите во Германија, работата на разузнавачките служби и на полициските агенции се стриктно одвоени и регулирани со закони, и заклучува дека очигледно во BND на тоа не му било придавано значење.