![gero-nova](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/11/gero-nova.gif?resize=500%2C259&ssl=1)
Kавгите ги поттикнуваат и некои луѓе од Бихаќка, во страв од амбициозните аутсајдери, кои постојано се закануваат со некаков преврат, пишува опозицискиот новинар Бранко Героски во својата најнова колумна во која додава и дека Зоран Заев, Радмила Шекеринска и раководството на СДСМ нарачуваат текстови, пишува Курир.
Героски во колумната признава дека внатре во СДСМ има раздор и кавга и дека опозицијата е површна и неодлучна.
-Абре луѓе мои! А згусти, а почнуваат кавгите меѓу кујните околу Бихаќка. Кој малку подобро ги познава главните мајстори карапанџи, јасно му е дека суштината на тие препирки е битката за изгубени и неосвоени позиции. Да биде работата полоша, слушам дека кавгите ги поттикнуваат и некои луѓе од Бихаќка, во страв од амбициозните аутсајдери, кои постојано се закануваат со некаков преврат. Да биде работата потажна, кавгаџиите упорно се трудат кавгите да ги прикажат како судир на концепти, пишува Героски.
Тој додава дека со мали и чесни исклучоци, тоа се главно луѓе со нереализирани политички амбиции, кои себеси се гледаат во фотелјите на Бихаќка, а сега и во „освоените“ места во парламентот.
-Како што ме уверуваат некои мои пријатели, никогаш не треба да се потцени магијата на политичката функција. Гледам, богати и успешни луѓе, за кои сме мислеле дека се и умни (како инаку станале успешни, по ѓаволите?!), денес се спремни да фрлат в бунар големи пари за да дојдат до скромни позиции во политиката, до столче во парламентот, на пример, или до заменичко-помошничко место во некое глупаво министерство. Каква настрана еротика, човече!, вели опозицискиот новинар.
Героски пишува дека претседателот Зоран Заев, неговата заменичка Радмила Шекеринска и раководството на СДСМ нарачуваат текстови во контекст на прилогот за можна смена во Комерцијална банка.
-Пред некој ден ја читав онаа чудна нарачка од текст за наводната смена во „Комерцијална банка“ и не можев да се изначудам – каква полза од ова имаат Заев, Шеќеринска и раководството на СДСМ? Зошто и кому му е ова потребно?, прашува Героски.