Гервала: Нацртот на ЕУ за ЗСО без де факто признавање на Косово од Србија е „тројански“ коњ како Република Српска во БиХ

Косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц, изјави дека вадењето на нацртот на Европската унија за Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово од пакетот договори со Србија е многу опасно и дека нацртот има смисла само ако Србија де-факто го признае Косово.

Гервала во денешното телевизиско интервју рече дека премиерот Албин Курти на средба со лидерите на Германија, Франција и Италија, Олаф Шолц, Емануел Макрон и Џорџа Мелони, понудил да се потпишат трите договори во пакет заедно со Србија, вклучувајќи го и нацртот за Заедницата.

Шефицата на косовската дипломатија нагласи дека Приштина „стои на дадениот збор“ и е подготвена да го спроведе целиот пакет договор, доколку Србија ги преземе своите обврски.

„Доколку Србија може да го прифати пакетот како целина, можеме и ние да го одржиме нашето ветување. Во спротивно, извлекувањето на тој нацрт од тој пакет е премногу ризично. Нацртот што ни го претставија нашите партнери има смисла само доколку Србија де факто го признае Косово, во спротивно тоа е тројански коњ исто како Република Српска во Босна и Херцеговина. Затоа секогаш стоиме на зборот што го дадовме, подготвени сме да го спроведеме целиот пакет доколку и Србија ги преземе своите обврски. Толку за таа работа со Заедницата“, рече Гервала.