Министерството за образование и наука информира дека јавните средни училишта во кои се пријавени поголем број на ученици со ист број на поени од предвидениот број на ученички места во конкурсот за запишување ученици во средно образование за учебната 2020/2021 година, ќе организираат квалификационо тестирање на 22 јуни со почеток во 10:00 часот.
Учениците кои се пријавиле за гимназиско образование (за сите подрачја) ќе бидат тестирани по наставниот предмет математика и по македонски, албански, турски, односно српски јазик, зависно од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование. Додека, за учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили) ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште.
Конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 22 јуни 2020 година.
Од гимназијата „Орце Николов“ во Скопје информираат дека досегашната состојба со кандидатите на ученици со ист број поени (75.00) го надминува бројот на ученици кои би требале да се запишат, според конкурсот за упис на ученици во прва година во учебната 2020/ 2021.
Во овој случај ќе се почитуваат препораките на МОН за организирање на квалификационо тестирање, по предметите македонски јазик и математика.
Денеска во 15:00ч. ќе бидат објавени резултатите од уписот и сите потребни информации на влезот од училиштето и веб страната, како и во останатите училишта.
Неофицијално, се работи за над 300 ученици. Официјалниот телефон е исклучен, така што не можевме да се информираме за точниот број.
Како што проверивме на официјалните веб-сајтови, само „Орце Николов“ има информации дека ќе се полагаат тестови за упис во прва година. Додека гимназијата „Ѓорги Димитров“ ќе оргранизира тетсирање само за германската паралелка.
Во повеќе средни училишта само за некои паралелки боројот е поголем од предвидената квота и тоа за 10-15 канидати.
Сите училишта што ќе спроведуваат тестирање ќе мора да ги почитуваат протоколите донесени од Владата и МОН.
Тоа подразбира да се обезбедат сите санитарно хигиенски услови.
Задолжително вршење на дезинфекција на клупите во просториите каде ќе се врши полагањето на учениците, прегледувањето на тестовите, разгледувањето на приговорите со дезинфекционо средство кое делува на вируси според упатство од производителот.
Користење на заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот од страна на сите вработени во средното училиште.
Користење на заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот,од страна на сите ученици.
Организирање на просторот во училниците со цел спроведување на редот и одржување на потребното физичко растојание меѓу учениците од минимум 2 метри, за присуство на максимум 10 ученици во една училница.
Организирање на редарска служба во средното училиште, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците од минимум 2 метри пред и внатре во училиштето и тоа 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари во училиштето. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на средното училиште.
Поставување на ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето.
Овозможување на влез само на ученикот, не и на неговиот родител, кој носи заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот, кои влегуваат во училиштето.
Задолжително носење документ за лична идентификација, математички прибор (молив, гума, шестар, линиар, пенкало).
Забрането е користење на калкулатор и телефон.
Поставување на средства за дезинфекција на влезот во училиштето, како и пред и во просториите каде ќе се врши полагањето на учениците, прегледувањето на тестовите, истакнувањето на прелиминарните резултати, поднесувањето на приговори, разгледувањето на приговорите и објавување на конечните резултатите.
На крајот на секој ден задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства.