![гак](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/04/gak.jpg?resize=693%2C387&ssl=1)
Комисија формирана од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, ќе проверува како настанала скршеницата на рака кај новороденчето и дали има грешка кај персоналот во случајот со родилката Анета Дамјановска.
Родилката Анета Дамјановска, која била породена на 31 декември, не можела да си го види бебето сѐ до вечерта на 1 јануари оти докторите не и дозволувале. Ова за „Скопје1“ го раскажа нејзиниот сопруг Благојче Дамјановски.
„Бебето го немаше видено, само на кратко на пет минути. Сопругата го има фотографирано со скршена рака. Дојдовме да прашаме зошто не даваат да го видиме бебето и дури сега, после 24 часа ни даваат информација дека бебето е со скршена рака“, вели Дамјановски.
Тој посочува и дека бил избркан од Клиниката за гинекологија и акушерство кога, како и сите родители, побарал да си го види своето бебе.
Директорката на клиниката за Гинекологија и акушерство, Викторија Јованоска во изјава вели дека не откривањето на таков вид на информации е стандардна процедура и од тие причини на мајката не и било дозволено да си го види бебето.
„Детето првично немало оток. Мислеле дека е мускулна пареза, а кога се појавил оток веднаш била направена рендгенска снимка“, изјави директорката Јовановска.
Таа најави формирање посебна комисија на гинеколошкото одделение која темелно ќе го разгледа случајот и ќе ги испита причините како дошло до скршеницата на раката кај бебето.