„Премиерот отвори важни прашања и тука сме согласни за потребата за реформи во владеењето на правото и ова е суштинско за европскиот пат на земјата. Секако, ќе продолжиме да се ангажираме, со премиерот, со Владата да дискутираме за најдобрите начини да се продолжи напред, како и за останатите делови од системот. Очекуваме да продолжиме со конструктивен однос, зашто делиме иста цел- да се приклучи земјата во Европската Унија што поскоро“.
Ова го истакна евроамбасадорот во заминување Дејвид Гир, откако претходно премиерот Христијан Мицкоски кажа дека станало пракса амбасадори да се мешаат во внатрешните работи на државата, алудирајќи на коментарите на амбасадорите за иднината на Судскиот совет.
Премиерот Мицкоски кој вчера жестоко им возврати на амбасадорите дека се мешаат во работата на државата, денеска со остра критика и кон судиите и обвинителите за кого рече дека земаат илјадници евра плата и дека уживаат во кожни фотелји, шетајќи се по црвени килими со два проценти доверба кај граѓаните.
-Убаво е секој месец да земате плата, а да имате два проценти доверба кај граѓаните. Таа е најубавата позиција, комфорна. Заседнати со кожни фотелји, со црвени дебели килими и секој ден да доаѓате на работа, да броите илјадници евра месечна плата, а кај граѓаните да уживате само два процента доверба. Нормално е кога некој ќе сака инвазивно да делува, да направи реформа и да го реши тоа веднаш, од друга страна да имаме одбранбен механизам којшто вели – не, ние сме против тоа, подвлече Мицкоски.
Премиерот рече дека би се засрамил ако има доверба од само 2 проценти и ги повика да дадат предлог.
„Ако има подобри решенија, подготвен сум да разговарам. Еве нека дојдат, нека кажат ако имаме подобри решенија.“-рече Мицкоски.