Гир: Политичките партии, бизнисите и другите интереси мора да престанат да се мешаат во работата на судиите и обвинителите

-Моменталната ситуација со почитување на владеењето на правото во земјава е далеку од задоволителна. – Ова денеска на стартот на проектот финансиран од Европската унија во висина од 10 милиони и 250.000 евра, за поддршка на владеење на правото во земјава, го изјави евроамбасадарот, Дејвид Гир, според кого, иако е постигнат одреден напредок на полето на владеење на правото, преку законодавството и во работењето на одредени институции, сепак, уште многу е потребно за подобрување на состојбата со владеењето на правото во земјава, објави Телма.
-Сѐ уште има долг пат да се изоди за да се постигнат стандардите кои граѓаните имаат право да ги очекуваат од властите на земјите, а ЕУ да ги очекува од земја-кандидат. Постои потреба од значајна промена преку усвојување на закони и практики кои се на линија со европските стандарди и критично, нивната имплементација и спроведување, рече Гир.
Гир упати критика дека во изминатите недели и месеци имало многу случувања кои ја ставиле под знак прашалник посветеноста за реформи, со укажување дека и овој тренд мора да запре. Евроамбасадорот посочи пример на случувањата летово во Судскиот совет што резултираше со испраќање на оценска мисија.

-Сигурно не сте ја пропуштиле и изјавата на ЕК од минатата недела во Брисел, со која се изразува нејзината загриженост за измените на Кривичниот законик, пред сѐ употребата на европското знаменце, кое го сметаат за несоодветно, бидејќи тоа е закон кој треба да биде дискутиран. И како второ, големата загриженост изразена од Комисијата од ризикот дека овие измени можат да доведат до зголемување на неказнивоста во земјата, рече Гир.
Оценската мисија за Судскиот совет кој треба да даде препораки како ова судско тело да биде попрофесионално и независно, како што информраше Гир, завршува оваа недела, по што ќе ѝ ги даде своите препораки на Европската комисија.

На настанот со кој се означи почетокот на проектот кој ќе трае три и пол години, за поддршка на ЕУ за владеење на правото, а со кој ќе бидат опфатени неколку компоненти: правосудсните институции, полициските истраги, борба против корупција и човекови права, говореа и министрите чии министерства ќе бидат опфатени со проектот, Оливер Спасовски, првиот човек на МВР, министерот за правда, Кренар Лога и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во присуство на претставници на речиси сите клучни актери кои делуваат на полетото владеење на правото во Македонија.

Гир денеска не штедеше зборови за состојбите со владеењето на правото, при што ја пофали работата на Антикорупционерите и Народниот правобранител, но рече дека многу често по нивните препораки не се постапува. Тој имаше и директна порака и до политичките и бизнис елити. -И конечно, политичките партии, бизнисите и другите интереси мора да престанат да се мешаат во работата на судиите и обвинителите. Ние сѐ уште имаме потреба да видиме крај на ваквата пракса, рече Гир.
Тој побара енергичен и систематски начин во борбата против корупцијата и организираниот криминал во земјава, без назадувања, при што неказнивоста не смее да биде опција.