Носењето на уставните измени е суверена одлука на С Македонија, но штом таа биде донесена тоа автоматски ќе значи придвижување на земјата напред на патот кон Европската Унија, без други дополнителни одлуки што би се носеле во иднина, вели евроамбасадорот Дејвид Гир.
Дали уставните измени ќе бидат донесени или не, според шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава е исклучиво во рацете на Собранието и на никој друг.
„Прашањето на уставните измени произлезе како дел од билатералниот договор со Бугарија и, како што е веќе познато, тоа прашање беше дел од договорот што беше постигнат во јули 2022 година. И токму тој договор ја отвори можноста Република Северна Македонија да може решително да се придвижи на нејзиниот европски пат со отворање на пристапните преговори, на што како резултата го имавме и отворањето на скрининг-процесот. Се разбира дека следниот чекор во овој процес зависи од уставните измени и тоа е прашање кое е во рацете на самата земја, во рацете на Собранието и на никој друг. Секако, тоа е суверена одлука што треба да ја донесе земјата, но штом ќе се донесе таквата одлука веќе преминуваме кон следниот чекор, што значи дека земјата продолжува да се движи напред на патот кон ЕУ што, пак, значи дека нема има други дополнителни одлуки што треба да се носат понатаму“, изјави евроамбасадорот Гир одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Општина Шуто Оризари.
Евроамбасадорот изрази оптимизам дека уставните амандмани ќе бидат усвоени што поскоро, за да може, како што рече, земјата конечно да се придвижи напред.
„Затоа што јас силно верувам дека местото на оваа земја е во Европската Унија и сакаме да ни се придружите што е можно побрзо додека ги имплементирате сите реформи што се потребни за полноправно членство во Европската Унија“, рече Гир.