Гитарите на Нопфлер продадени за стотици илјади фунти

Гитарите на Марк Нопфлер, фронтменот на британската група Dire Straits, во средата на наддавање во аукциската куќа Christie’s достигнаа цена од стотици илјади фунти.

„Главната добивка“ на продажбата, оригиналниот „Gibson Les Paul Standard“ од 1959 година, постигна цена од 693.000 фунти заедно со надоместоците (812.841 евра). Од Christie’s објавија дека ова е рекорд на аукција за овој модел.

Нопфлер свиреше на оваа гитара на турнејата „Sailing To Philadelphia“ во 2001 година и на турнејата „Kill To Get Crimson“ во 2008 година. Познатиот музичар, кој сега има 74 години, го купил инструментот од Боби Тенч од групата Jeff Beck.

На задната страна на гитарата, на местото каде што инструментот се триел со појасот на сопственикот за време на „свирките“, недостига малку лак. Оваа гитара се проценуваше на 300.000 до 500.000 фунти (помеѓу 400.000 и 570.000 евра).

Друг инструмент, гитарата на која музичарот ги свиреше хитовите „Money for Nothing“ и „Brothers in Arms“ беше продадена за 592.200 фунти (694.300 евра). Инструментот, купен во 1983 година во Њујорк, го свиреше Марк Нопфлер на концертот Live Aid во 1985 година. Проценката на Christie’s беше од 10.000 до 15.000 фунти.

Црвено-бела гитара „Schecter“ („Walk of Life“) продадена за 415.800 фунти (487.500 евра), што е рекорд за моделите „Schecter“, во продажба што започна со два часа доцнење поради „исклучителен интерес“ од купувачите.

Но, рекордите постигнати од гитарите на Курт Кобејн (4,7 милиони долари и 6 милиони долари) на аукциите одржани во 2022 и 2020 година не беа постигнати, велат од Christie’s.

Вкупно 121 предмет, гитари и засилувачи, беа продадени на аукцијата, а најмалку една четвртина од приходите беа наменети за хуманитарни цели. Дел е наменет за британскиот Црвен крст.