Жителите на скопската населба Ѓорче Петров се револтирани што меѓу учесниците во протестот се појавуваат и луѓе кои не се од населбата.
Ѓорчевци коментираат дека непотребно во нивната населба попладнево доаѓаат луѓе, меѓу кои и членови на навивачки групи, од други места за да го бранат Ѓорче Петров.
Од кого го бранат, прашуваат жителите на населбата додавајќи дека ако е потребно тие може да се бранат самите и населбата и сметаат дека тие луѓе од надвор се дојдени само за да предизвикаат инциденти и да го злоупотребат револтот поради вчерашното убиство на матурантот Ангел Петковски.
Денеска попладне во Ѓорче Петров се собра група од стотици млади луѓе кои протестираа на главната улица. Тие прво се собраа во близина на црквата „Св. Петар и Павле“, а потоа се упатија кон домот на убиеното момче каде запалија свеќи, групата подоцна се обиде да дојде до мостот што ги поврзува населбите Ѓорче Петров и Сарај, но беше спречена од полицијата. Протестите ескалираа кога дојде до судир меѓу дел од учесниците во протестот и полицијата, што заврши со повеќе приведени лица. Засега, според официјални информации, во протестите нема повредени граѓани.