ФОТО: МИА
Генералниот директор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчески е реизбран за претседател на Здружението на банкраство при Стопанската комора. На предлог на раководството, за потпретседател останува Јитка Пантучкова, претседател на УО на Охридска банка. Според Јанчески, продолжувањето на мандатот на ова раководство за наредните четири години, за него е признание за досегашната работа.Но, довербата значи обврска и во иднина да го промовираат банкарскиот сектор.
„Успеавме да го анимираме Здружението, имавме проактивна улога, формиравме комисии кои беа активни чинители во презентација на ставовите на банкарите за Владата, министрите, Народната банка.Имавме доста активна улога во промената на законите и наметнување на нашите ставови. Морам да ја истакнама и добрата соработка со НБРМ и Министерството за финансии и наидовме на големо разбирање во однос на нашите ставови,“ истакна Јанчески.
Потпретседателката, Јитка Пантучкова изјави дека Здружението ги усогласило сите активности со европската регулатива и воедно се членови на Европската банкарска федерација.
Јанчески исто така нагласи дека има некои работи кои можат да се подобрат во однос на работата на банкарскиот сектор, а меѓу нив е и Законот за проценители.Тие бараат од Министерството за финансии да се промени Законот за ДДВ при извршување, бидејќи сметаат дека извршувањето не е промет и не треба да се плаќа данок.
Друга забелешка имаат за Законот за девизно работење, за кој сметаат дека има некои примеси на социјал-реализам и не одговара на денешното време.Потребна е поголема либерализација на платниот промет со странство и надминување на сегашните ограничувања.
Во однос на окрупнувањето на банкарскиот сектор, Јанчески истакна дека иако гувернерот Димитар Богов спомена дека бројот на банките е голем и можно е да се намали, во моментов нема навестување за окрупнување на банкарскиот сектор.
„Помалите банки не можат да го издржат темпото на големите банки. Маржите на банкарскиот сектор се намалени, а банките некако треба да функционираат.Во битката со поголемите, помалите не можат да издржат, но нема навестување за окрупнувања,“ подвлече Јанчески.
Здружението на банкарството истакна дека и понатаму ќе продолжат со дијалозите со Министерството за финансии и НБРМ.