Во САД денеска се гласа во шест сојузни држави за уште едни примарни избори за номинација на претседателски кандидат од Демократската партија.
Вниманието на јавноста е насочено на Мичиген, држава која дава 125 делегати. Според најновите анкети, поранешниот потпретседател Џо Бајден води пред сенаторот од Вермонт Берни Сандерс, кој го освои Мичиген во 2016 година, во тогашната трка за номинација со неговата соперничка Хилари Клинтон.
Минатаат недела на супер вторникот Сандерс ја освои Калифорнија, најголема сојзуна држава во САД, и победи во уште три, Јута, Колорадо и Вермонт, додека Бајден победи во десет држави.
Двајцата се истакнаа како најпопуларни кандидати, додека останатите, како Пит Бутиџич и Ејми Клобучар се откажаа и ја подржаа номинацијата на Бајден. Подршка за него синоќа стигна и од сенаторката од Калифорнија Камала Харис и нејзиниот колега од Њу Џерси, Кори Букер, кои претходно излегоа од трката, отсликувајќи ја популарноста што Бајден ја има кај афро-американското население во САД.
Бајден и Сандерс викендов митингуваа во Мичиген, а вчера беа во Мисисипи, обидувајќи се да ги придобијат, секој на своја страна, афроамериканците во јужната американска држава, голем дел од гласачкото тело таму.
За да ја освои номинацијата, кандидатот треба да обезбеди 1.991 делегат, кои се потребни за официјална номинација на конгресот на Демократската партија во јули.
Избори денес се одржуваат и во сојузните држави Вашингтон, Мисури, Мисисипи, Ајдахо и во Северна Дакота.
Бајден и Сандерс се очекува да имаат дебата в недела, пред изборите на 17 март, кои ќе се одржат во Флорида, Илиноис и во Охајо.