Четврта година по ред, „Њуменс бизнис акселераторот“ успешно го организира натпреварот „Спејс апс челинџ“ на НАСА, кој и оваа година ги обедини сите млади креативни умови на едно место, кои во период од 48 часа континуирана работа креираа инспиративни решенија за глобални предизвици кои ги постави Американската вселенска агенција.
Еден од тимовите победници во Скопје во категоријата „Избор на публиката“ – тимот Авис, со своето иновативно решение успешно ја помина претселекцијата од врвни експерти од НАСА и успеа да се пласира помеѓу најдобрите 25 тимови на светско ниво.
Во моментот се прв тим според гласовите на публиката, но потребна им е нашата поддршка за да победат и да присуствуваат на лансирање на ракета во „Кенеди спејс центарот“ на НАСА. Гласањето ќе биде отворено до недела, 15 мај, а за нив можете да гласате на следниот линк: http://bit.ly/1WWeFKr.
Она што е најинтересно е тоа што тимот е составен од тројца средношколци и еден студент. Тие секоја година учествуваат на овој хакатон, а работите за оваа тематика ги истражуваат од интернет, со самостојно учење од она што ќе го видат или прочитаат како и со помош на менторите во акселераторот.
Нивниот проект се состои од апликација, која што ќе им помогне на обичните корисници на дронови да можат полесно да управуваат со своите летала, да не ги прекршат правилата за летање на конкретната територија и да се доведат во незгода.
„Повеќето тимови се насочија на креирање на апликација за телефон, но тука нашата креативност влезе во игра и одлучивме покрај апликацијата да додадеме и паметна алка така што секој, па дури и мало дете ќе може да лета дрон.” – изјави Филип Макрадули, дел од победничкиот тим кој се натпреварува за главната награда.
Тимот Авис е единствениот тим од регионот што успеа да се пласира на глобалниот натпревар во оваа категорија, а доколку победат ќе имаат можност да го развиваат својот проект во рамки на Европската програма за акцелерирање подготвена во соработка со НАСА и комерцијални компании од вселенската индустрија од САД и Велика Британија и да присуствуваат на лансирање на ракета во „Кенеди спејс центарот“ во Флорида, САД.
Во следните две недели ги очекуваме и резултатите за другите два тима победници од Македонија „Солар џамп џет“ и „Спејс манкис“ кои се победници во категориите најинспиративно решение и најдобар концепт за мисија за кои ќе нема можност за јавно гласање и судиите од NASA ќе го имаат последниот збор. Евентуалната победа и на овие два тима ќе им обезбеди директен влез во споменатата акцелераторска програма.