Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, изјави дека Владата и институциите треба да ги слушаат нивните препораки и да ги препрочитуваат ревизорските извештаи.
-Глава не можеме да кренеме од партиски вработувања, вели таа во однос на ангажирањето на вршители на должност во некои институции и на вработени со авторски договори.
Иницијатива за кривично гонење ДКСК усвои и за актуелниот и за поранешни градоначалници на Радовиш, затоа што 12 пати ангажирале лице како вршител на должност директор на јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, без објавување оглас.
Членот на Комисијата Нури Бајрами, кој рефереираше за случајот, рече дека за ангажирање на ова лице не е објавен оглас ниту еднаш, а му се овозможува само на едно лице да се вработи со функционерска плата. Според него, нема како да се нарече оваа ситуција освен дека е корупција и упад во правниот систем.
Во проверката на документацијата е утврдено дека лицето има соодветно високо образование.
До ДКСК се стасани материјали и за случајот со Клиниката за онкологија, но тие ќе бидат проследени до надлежните институции имајќи предвид дека за него веќе се води истрага во Обвинителство.
На почетокот на денешната седница, ДКСК го разгледа Извештајот на ЕК во делот што се однесува на нивната работа.
Претседателката Ивановска рече дека без разлика што веќе петта година се во Комисијата, ефектот од нивната работа не може да дојде до целосна реазлизација поради неспроведување на нивните иницијативи од страна на институциите, Владата и други органи. Не знам, вели таа, како да се мотивираат институциите да ги спроведуваат иницијативите на антикорупциската комисија.
Изрази надеж дека наредниот состав на Комисијата, за којшто веќе е распишан оглас, ќе ја надмине нивната работа во позитивна смисла бидејќи има добра основа за тоа.
– Се надевам дека свеста кај институциите, кај раководната структура, кај лидерите, кај сите ќе проработи и да знаеме дека од нас се зависи и дека навистина мораме сериозно да се зафатиме со овој проблем, рече Ивановска.
Членот на ДКСК Владимир Георгиев рече дека оценката во Изештајот е дека назадуваме.
-Нема прогрес што е две скалила подоле, вели тој додавајќи дека се наведени многу причини за оваа состојба во Судскиот совет, во судството, изборот на првиот човек на обвинителството за организиран криминал, носењето на Кривичниот законик, ниска имплементација од Националната стратегија само 10 отсто, корупциски афери и скандали…