Главниот аргентински синдикат повика на генерален штрајк

Еден од највлијателните работнички синдикати во Аргентина повика на национален генерален штрајк следниот месец поради зголеменото противење на економските реформи на владата.Генералната конфедерација на трудот (CGT) повика на генерален штрајк на 24-ти јануари во знак на протест против низата мерки што ги воведе новиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи.

Кога Милеи ја презеде функцијата во средината на декември, тој објави сеопфатен план за намалување на трошоците и монетарна реформа чија цел е трансформација на економијата на Аргентина. Милеи вети дека ќе ја намали државната бирократија и ќе дозволи приватизација на државните индустрии како начин за зголемување на извозот и инвестициите.

Како трета по големина економија во Латинска Америка, соочена со хронична инфлација, дури 143 проценти на годишно ниво, со структурен долг и со 45 проценти од населението кое живее во сиромаштија, Аргентина се подготвува за болни прилагодувања во наредните денови и седмици, додека новиот претседател ветува „шок-терапија“ што според него ќе влијае на намалувањето на јавната потрошувачка. Милеи, исто така, ја најави ориентацијата на надворешната политика на Аргентина кон САД и Израел, како и оддалечување од Кина и левичарските регионални партнери.

Владата на Милеи во средата испрати предлог-закон за реформи до Конгресот, предлагајќи далекусежни промени во обидот наводно да помогне во заживување на закочената економија. Тоа вклучува промени во работните стандарди и треба да го отвори патот за приватизација на државните компании. Милеи во своите говори ги повикуваше американските компании да учествуваат во таквата приватизација, ветувјќи им пристап и до замјишта и природните со кои изобилува земјата.

Во соопштението, CGT, која обединува неколку моќни синдикати, го претстави својот „план за борба“. Според соопштението, членовите ќе побараат средби со претставниците кои треба да расправаат за законот на вонредни седници закажани до 31-ви јануари за да предложат амандмани.

Генералниот секретар на CGT, Хектор Даер, додаде дека штрајкот и протестите ќе започнат пред парламентот, кој потоа ќе ги разгледа предложените закони. Интересно е што првпат по враќањето на демократијата во таа земја пред 40 години, еден претседател се соочува со генерален штрајк по само месец и половина од доаѓањето на власт. Последниот генерален штрајк свикан од синдикатот беше на 29. мај 2019 година, на крајот на владата на Маурицио Макри.

Минатата седмица илјадници Аргентинци излегоа на улиците на главниот град Буенос Аирес да протестираат против владините мерки за штедење, што се сметаше за прв вистински тест штотуку инаугурираниот како претседател Милеи.

„Ова е мирна мобилизација. Не сакаме никаков вид конфронтација. Не сакаме никаков конфликт“, изјави тогаш Едуардо Белибони, водач на левичарската протестна група Поло Обреро, кој прв повика на протести.