На повеќето европски берзи цените на акциите пораснаа во вторник претпладнето, како и претходниот ден на њујоршки Волстрит, додека инвеститорите очекуваат нови вести кои би можеле да ги насочат пазарите.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек порасна за 0,35 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,39 отсто, на 8.140 поени, а париски CAC за 0,09 отсто, на 7.285 поени. Франкфуртскиот DAX се лизна, пак, за 0,06 отсто, на 19.177 поени.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Азискиот индекс MSCI беше во плус 0,4 отсто во истиот пресек од тргувањето како и во Европа. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,5 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Хонгконг, Шангај и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 0,9 отсто.
Така, најголемиот дел од берзите го следат вчерашниот раст на цените на акциите на Волстрит. Сепак, Dow Jones загуби 0,13 отсто, но S&P 500 зајакна 0,39 отсто, а Nasdaq индексот за 0,60 отсто.
Во исто време, цените на акциите најмногу пораснале во енергетскиот сектор, во просек за 1,05 отсто, а најмногу паднале во индустрискиот сектор. Немаше значајни вести, а инвеститорите со нетрпение ги очекуваат кварталните деловни резултати на Nvidia, кои ќе бидат објавени во среда.
Акциите на производителот на чипови се меѓу најголемите добитници во последниве години, благодарение на еуфоријата околу развојот на вештачката интелигенција. Деловниот извештај ќе покаже дали сè уште има простор за раст на цената на акциите на „Nvidia“ или доаѓа период на корекција.
Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе бидат кварталните деловни резултати на трговските синџири, како што се „Walmart“, „Target“ и „Lowe’s“, кои ќе покажат каква била продажбата во пресрет на претстојната предбожиќна потрошувачка сезона.