Главните задачи од првата етапа од, како што Москва официјално ја нарекува „специјална воена операција за демилитаризација и денацизација“ на Украина, се успешно извршени а борбениот потенцијал на Украина е значително намален, изјави на брифинг за новинарите во петокот, Сергеј Рудској, началник на Главната оперативна управа на Генералштабот на руските вооружени сили.
„Генерално, главните задачи од првата фаза од операцијата се завршени. Борбениот потенцијал на вооружените сили на Украина е значително намален, што овозможува, истакнувам, главните напори да се насочат на постигнувањето на главната цел“, ослободувањето на Донбас“, изјави Рудској.
Непознато е засега дали тоа ќе значи и престанок на борбите во остатокот од Украина. Но Рудској рече дека во текот на изминатите осум години на ткн украинска „операција на здружените сили“ била длабоко ешалонизирана, добра уцврстена одбранбена линија којашто претставува своевиден систем на монолитни долгорочни бетонски конструкции.
„Поради тоа, за да се минимизираат загубите во воениот состав на руската војска и силите на ЛНР и ДНР (двата доминатно руски отцепени источни украински региона Луганск и Донецк), на офанзивните операции им претходи силен оган врз најотпорните точки и врз резервите“, појасни Рудској.
Тврди дека групата на Вооружените сили на Украина во Донбас од почетокот на судирите на 24-ти февруари до денес загубиле 16.000 припадници од вкупно 59.000 распоредени војници во областа, или 26 отсто. За човечките загуби на руската страна не спомна ништо, но продолжи дека руските сили во областа Донбас од 180 противвоздушни ракетни системи „С-300“ и „Бук М1“ уништиле 148, а од 300 различни радари уништени се 117.
Додаде дека борците на ткн баталјон „Азов“, кој се поврзива со крајно десничарските украински формации, се обидуваат дак го спрачат напредувањето на силите од Донецк, принудувајќи жени и деца да им појдат пресрет.
„Борците на баталјонот Азов ги вадат жените и децата од подрумите под закана со оружје, и ги насочуваат кон единици на Донецк кои напредуваат со цел да го спречат напредувањето на милицијата. Тоа за нив претставува вообичаена практика“, рече началникот на рускиот Генералштаб.
Додаде дека руските единици настојуваат да ги избегнат непотребните загуби и пред секоја акција ги повикуваат украинските војници заедно со вооружувањето да се повлечат во нивните постојани бази и касарни, и притоа на оние кои ќе го положат оружјето им се гарантира безбедност. Отпорот на украинските единици, како што оцени Рудској, „се заснова на стравот од одмазда од страна на неонацистите кои се внедрени во сите единици на вооружените сили на Украина“.
„Текот на борбите, сведоштвата на цивилите кои ги напуштија опколените населби и заробените украински војници укажуваат дека сега способноста на украинската војска да пружа отпор почива само на стравот од злоставувања од неонацисите. Нивни луѓе има во сите воени единици“, тврди Рудској.
Посочи и дека најмалку десет мини поставени од украинската воена морнарица се откачиле од своите котви и плутаат во западниот дел од Црното Море и претставуваат ралан закана како за воени така и за цивилните бродови кои чекаат пред украинските пристаништа да ги евакуираат странските државјани. Рудској оцени дека станува збор за „непромислен“ потег на украинските сили поставувањето на повеќе од 400 застарени ткн закотвени мини на приодите кон пристаништата во Одеса, Очаков, Черноморск и Јужни.