Гледачите сами ќе го избираат крајот на омилената серија

Нетфликс, најголемата платформа за стриминг на филмови и серии ќе им овозможи на гледачите да го изберат крајот на нивните омилени ТВ емисии со што ќе одат чекор понапред во креирањето интерактивна телевизија, пишува Блумберг.

Компанијата од Калифорнија работи на специјали кои ќе им овозможат на корисниците самите да одлучат како сакаат да се одвива акцијата во сериите, ги пренесува Ројтерс цитатите од Блумберг кои ги откриле луѓе запознаени со овој бизнис.

Нетфликс уште претходно го објави анимираниот филм „Puss in Book”, каде што гледачите можеа да го изберат алтернативното завршување на истата програма. И ХБО излезе во таква форма на интерактивна телевизија во серијата „Мозијак“, но Нетфликс сака ова да стане вообичаено.

Се шпекулира дека првата таква епизода ќе биде токму новата сезона на мегапопуларната серија на Нетфликс, „Црно огледало“, кој треба да почне да се емитува на крајот од годината.

Сепак, овие тврдења се уште не се коментирани од Нетфликс.

Инаку, приходите на Нетфликс во вториот квартал од годинава достигнаа  до 3,9 милијарди долари, или 40 отсто повеќе во однос на претходната година. Но цената на акциите на компанијата падна повеќе од 10 отсто поради послабиот раст во нови претплатници отколку што се очекуваше. Поради тоа веќе некое време бараат нов бизнис модел, а се спомнуваа и реклами во паузите што на корисниците никако не им се допадна.