Министерството за труд и социјална политика го слушна апелот за помош на тетовецот Бране Глигориевски. Откако пред неколку недели недели починала мајка му, тој останал без никакви примања, бидејќи живееле само со нејзината пензија. Тој живее во субстандардни услови во трошна куќа во населбата Два Бреста. Побара помош и работа, а министерот Диме Спасов изнајде начин како да му помогне.
„Изминатиов период активно го следевме овој случај. Минатата недела испративме тим од министерството за труд и социјална политика и од Центрите за социјална работа, со цел да изнајдеме начин како да му помогнеме на овој човек кој е во тешка положба. Првично му ја обезбедивме целосната документација за да добие социјална парична помош. Тој веќе во вторникот го доби решението и исто така ќе добие и еднократна парична помош“, истакна Спасов.
На Глигориевски, министерството за труд и социјална политика, ќе му помогне да најде и работа, бидејќи во моментов покрај паричната помош, таа му е најпотребна.