Глобалната безбедносна заедница на традиционалната конференција во Минхен

Повеќе од дваесет шефови на држави и влади и осумдесетина министри за надворешни работи и за одбрана, меѓу кои и македонските Никола Димитров односно Радмила Шекеринска, ќе се соберат во петокот на безбедносната конференција во Минхен посветена трансатлантските односи и актуелните безбедносни кризи во светот.

Во дебатите за регионалните и глобалните жаришта ќе се вклучат и голем број други високи функционери, експерти и претставници на меѓународни и невладини организации.

Како Европската унија да се развие во поспособен и веродостоен фактор на меѓународната безбедност и одбраната е главната тема на дводневната конференција којашто традиционално се одржува во Минхен, престолнина на германската сојузна земја Баварија. На дневен ред се односите на ЕУ и САД со Русија, кризата во Персискиот залив, како и севернокорејската нуклеарна програма, најавија организаторите.

„Светот минатата година беше на самиот раб на сериозен судир. Воинствената реторика на некои политичари сериозно загрижува. Без разлика дали станува збор за Корејскиот полуостров, Персискиот залив или источна Европа, само една погрешна одлука во оваа напната ситуација би можела брзо да се претвори во опасна верижна реакција“, предупреди пред собирот претседателот на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер.

Во последните повеќе од половина век, конференцијата во Минхен стана клучното годишно собирање на меѓународната безбедносна заедница. Од првата средба во 1963 година дејствува како независен форум, посветен на промовирње на мирољубивото решавање на споровите, како и меѓународната соработка и дијалогот.

Во Минхен пристигнуваат генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, британската премиерка Тереза Меј, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини и еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан.

Американската администрација ќе ја претставува министерот за одбрана, Џејмс Матис, шефовите на главните разузнавачки агенции и репрезентативна делегација од Конгресот на САД.

Доаѓање на конференцијата најавија и шефовите на дипломатиите на Русија, Сергеј Лавров, на Иран, Мохамад Џавад Зарив, на Саудиска Арабија, Адел ал-Џубеир и на Турција, Мевлут Чавушоглу.

Се очекуваат и настапите на челниците од земјите во невралгичните подрачја, како претседателот на Украина, Петро Порошенко, шеикот на Катар, Хамим бин Хамад ал-Тани, британската премиерка Тереза Меј и нејзините колеги од Австрија, Израел и Ирак, односно Себастијан Курц, Бенјамин Нетанјаху и Хајдер ал-Абади.

Домаќините, од преодната германска влада, ќе ги претставуваат шефот на дипломатијата Зигмар Габриел, министерката за одбрана Урсула фон дер Лејен и за внатрешни работи Томас де Мезиер.