Цените на храната беа стабилни во јуни на светските пазари, бидејќи повисоките цени на растителните масла, шеќерот и млекото и млечните производи го неутрализираа падот на цените на житарките, објави во петокот агенцијата за храна на Обединетите нации FAO.
Индексот на цените на FAO на кошничката основни прехранбени производи во јуни, како и во мај во просек изнесуваше 120,6 поени, покажуваат ревидираните податоци. Во однос на ланскиот јуни, цените се пониски за 2,1 отсто.
Новите податоци покажуваат дека цените во мај пораснале за еден процент. Првата проценка покажуваше стагнација.
Најмногу во јуни поскапеа растителните масла, за 3,1 отсто во однос на претходниот месец, поради бранот побарувачка на палминото масло. Тие беа мотивирани и од силната побарувачка на секторот на биогориво во Америка за соја и сончогледово масло.
Значително порасна и цената на шеќерот, за 1,9 отсто, бидејќи трговците стравуваат од неповолните временски услови и монсуните на производството во Бразил и Индија, водечките извозници.
Пораснаа и цените на млекото и млечните производи, за 1,2 отсто, како одраз на растот на путерот во услови на зголемена светска побарувачка и сезонски детерминирана послаба понуда на млеко од западна Европа и ниски залихи во Океанија.
Житарките, пак, поевтинија за 3,0 отсто во јуни во однос на мај благодарение на подобрените изгледи за производство.
Цените на месото се задржаа на мајското ниво, бидејќи благото зголемување на цената на овчо, свинско и говедско месо го неутрализираше поскапувањето на живинското месо.
Рекордно производство на жито
Во посебен извештај за понудата и побарувачката на пазарите на житни култури, FAO малку ја зголеми својата проценка за глобалното производство во сезоната 2024/2025 година на 2,854 милијарди тони.
Проценката покажува дека светот треба да произведе најмногу житарки во новата сезона откако FAО ги објави своите извештаи. Жетвата на пченка во Аргентина, Бразил, Турција и Украина треба да биде подобра од очекуваното и да ги компензира послабите изгледи за Индонезија, Пакистан и неколку земји во јужна Африка, објаснуваат тие.
Покачена е и проценката на производството на пченица, на 789 милиони тони, благодарение на добрите прогнози за Азија, особено за Пакистан, кој треба да го неутрализира очекуваниот пад на производството во Русија поради неповолните временски услови.
А производството на ориз би требало да достигне највисоко ниво откако FAO ги објави податоците, 535,1 милиони тони.
Потрошувачката на житarkiтреба да достигне рекордни 2,856 милијарди тони, според малку зголемените проценки на FAO.
Залихите на житни култури на крајот од новата сезона, во јули следната година, веројатно ќе бидат за 1,3 отсто повисоки од почетокот и ќе достигнат 894 милиони тони, пресмета FAO, што е малку пониско од претходната проценка.
Обемот на меѓународната трговија со житarki, сепак, треба да се намали во сезоната 2024/2025 за три отсто, на 481,1 милиони тони, покажуваат новите пресметки.
Заканата од глад
Во извештајот за 45 земји на кои им е потребна помош во храна, FAO предупреди на високи нивоа на акутна несигурност во областите контролирани од владата на јеменскиот град Сана, каде што речиси 18 милиони луѓе се изложени на ризик од глад. Во областите во Аден контролирани од владата, 4,6 милиони луѓе се изложени на ризик од криза со снабдувањето, велат тие.
Гладот им се заканува и на палестинскиот Појас Газа и Јужен Судан и Судан, со високи нивоа на акутна несигурност во храната.
Во Појасот Газа, високо ниво на акутна несигурност во храната им се заканува на околу 96 отсто од 2,15 милиони луѓе, поради конфликтот и блокадата на хуманитарната помош.
Во Јужен Судан, конфликтот ја парализираше економската активност, ги принуди луѓето да бегаат и значително ја намали жетвата во 2023 година, а 25,6 милиони луѓе се во опасност од глад. Во Судан, поплавите, падот на економската активност и граѓанските немири ја загрозија исхраната на околу 7,1 милион луѓе, според FAO.