Глобалното богатство ќе порасне за 38 отсто до 2027-ма, и покрај неодамнешниот пад

Глобалното богатство, мерено во личната сопственост од недвижнини до акции и удели, би требало да порасне за 38 отсто до 2027 година, главно поттикнато од пазарите во развој, покажа студијата која во вторникот ја објавија швајцарските банки Credit Suisse и UBS.

Годишниот извештај за глобалното богатство, коешто го проценува богатството на 5,4 милијарди возрасни лица на 200 пазари во светот, наведува дека глобалното богатство ќе достигне 629 трилиони долари во следните пет години.

Ваквите оптимистички прогнози доаѓаат и покрај тоа што минатата 2022 година го забележа првиот пад на нето глобалното богатство на домаќинствата од глобалната финансиска криза во 2008 година.

Номинално гледано, нето приватното богатство минатата година паднало за 2,4 отсто, а загубите се концентрирани во попросперитетните региони како Северна Америка и Европа, покажува извештајот.

Притоа се наведува дека посилниот американски долар бил голем фактор за тоа.

Најголем раст минатата година забележан е во Русија, Мексико, Индија и Бразил.

Во извештајот се предвидува дека богатствата во економиите во формирање, вклучително и земјите од БРИКС – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република – ќе порасне за 30 отсто до 2027 година.

Се очекува дека натамошниот раст на пазарите во развој ќе придонесе за намалување на глобалната нееднаквост во богатството следните години.

Најголемиот пад минатата година дошол од финансиските сопствености, за разлика од нефинансиската сопственост, како што се недвижнините, којашто останала отпорност.

Гледано поединечно, тоа значело дека возрасно лице до крајот на минатата година било „покусо“ за 3.198 американски долари.

Меѓутоа, „глобалното медијално богатство, веројатно позначителен показател на состојбата на просечно лице, всушност пораснало за 3 отсто во 2022 година во спротивност со падот на богатсството од 3,6 отсто по возрасно лице“, се наведува во извештајот.

Тоа богатство во овој век петкратно се зголемило, главно поради брзиот раст на богатството во Кина.