Тиранската телевизија „Топ-чанел“ успеа да открие стравичен сексуален скандал во земјата. Поради пеофилија е уапсен Максим Личо, првиот човек на наводна хуманитарна организација која се грижи за деца без родители – „Сираците во фокусот“, пишува Дневник.
Во емисијата како наводен сирак се вметнува 17-годишно момче од Саранда. Најпрво тоа комуницира со Личо преку социјалната мрежа „Фејсбук“, при што Личо сексуално го предизвикува и му ветува помош. Истото му се случува и на новинар на „Фикс фаре“ кому преку „Фејсбук“ на истата личност се претставува како 16-годишник
Емисијата „Фикс фаре“ на најгледаната тиранска телевизија „Топ-чанел“, која до сега има откриено низа афери, во последното издание открива скандал за тоа како наводните хуманитарни, невладини организации кои „се грижат за деца без родители“ добиваат средства со измама и како се бара сексуална услуга во замена да се добие признаен од државата статус на сирак. Истрагата почнала по добиените информации за активноста на организацијата „Сираците во фокусот“. Обвинувањата за начинот на злоупотребата биле многубројни, но најтешко било она за сексуалното искористување на сирачињата од страна на првиот човек на асоциjацијата Максим Личо, за што, во замена, требало да им помогне да добијат статус на сирак.
По комуникацијата на „Фејсбук“, на првата средба пред канцелариите на организацијата, на момчето му рекол дека треба да донесе документи за да го евидентира како сирак, а му го дал и бројот на мобилниот телефон, во случај на потреба. Kога момчето дошло во канцелариите каде што биле и другите вработени, тој му побарал и други документи со образложение дека ќе го запише на некој колеџ бесплатно за да го продолжи школувањето. Притоа, тој го поканил момчето во својот стан, ако нема каде да преспие, а му напоменал и дека може да доаѓа и во иднина кога ќе посака. Во разговорот му се обраќа со срце, му кажува дека е сам и дека неговото семејство живее во Пермет, од каде што и потекнува. На крајот му вели дека ќе биде опсипан со секс, љубов и пари, а кога момчето му се заблагодарува, Личо го замолува сето тоа да остане тајна. Целиот тек на настанот телевизијата го има снимено, а ова е само дел:
Личо: Ајде да видиме, ако е навистина така, јас ќе те чувам како капка вода со безграничен секс и љубов и многу пари.
Момчето: Ви благодарам.
Личо: Заради што благодарам? Јас сакам само голема тајност.
Според извештајот на народниот правобранител од 2013 година во Албанија има околу 31 илјада деца сираци, поделени во две категории, сираци социјалци, чиј број постојано расте поради социјалните проблеми, главно сиромаштијата, и биолошки сираци, деца кои ги изгубиле родителите, оставени во породилишта или на улица или во канти за отпад, веднаш по породувањето. Од вкупниот број само 400 се третираат во девет владини центри и 360 други во 16 невладини организации. Во Албанија постојат 140 невладини организации кои се занимаваат со третирање на најбедната категорија граѓани и децата во потреба, особено сираци и деца што се засегнати од крвна одмазда.
Оваа ситуација добро им погодува и на низа странци. Така, суд во Албанија, пред две години осуди двајца британски граѓани Дино Христодолу (45) и Робин Арнолд (56) на 20 односно 15 години затвор, поради педофилија и блудничење со малолетници во еден дом за сирачиња. Третиот Британец, сопственик на домот и нивен пријател, Дејвид Браун (58) во 2008 година поради истото дело беше осуден на 20 години затвор. Дино и Робин работеле кај Дејвид, кога тој бил осуден поради сексуално злоставување на 11 деца, главно Роми, од вкупно 32 колку што биле во домот. Сите 11 деца сведочеле на судењето, а едно од нив допатувало дури од САД за да ја каже вистината во придружба на таткото што го посвоил. Во понатамошната истрага докажана е и вината на двајцата, кои претходно ја напуштиле Албанија, но британските власти ги депортирале назад. Тројцата педофили се осудени на досега најдолга временска казна изречена за ова дело на некои странци во Албанија. Инаку, во Албанија максималната казна за педофилија е 25 години затвор.
УАПСЕН „ХУМАНИТАРЕЦОТ“
Албанската полиција вчера го уапсила Максим Личо, првиот човек на наводна хуманитарна организација која се грижи за деца без родители – „Сираците во фокусот“. Тој е уапсен заради педофилија, односно, основаното сомневање дека сексуално ги искористувал сирачињата на кои им ветувал дека ќе добијат и правен статус на сирачиња.