„Глувци и луѓе“ и „Да се убие птицата подбивница“ отстранети од училишната лектира во Велс

Американските романи „Глувци и луѓе“ (Of Mice and Men) и „Да се убие птицата подбивница“ „To Kill a Mockingbird“ се отстранети од наставната програма за средното образование во Велс поради загриженост во врска со расизмот.

Новата наставна програма за англиски јазик и литература издадена од најголемиот испитен одбор во земјата WJEC ќе трае од септември 2025 година и не ги вклучува овие книги.

„Глувци и луѓе“, новелата на Џон Стајнбек од 1937 година долго време е дел од наставната програма во Обединетото Кралство и ја раскажува приказната за двајца работници мигранти на ранч за време на Големата депресија.

„Да се убие птицата подбивница“ е роман на Харпер Ли објавен во 1960 година, кој ја раскажува приказната за адвокатот Атикус Финч кој го брани Том Робинсон, црнец погрешно обвинет за силување бела жена.

И двата романа ги истражуваат темите на расата и дискриминацијата и содржат расни навреди.

Детскиот комесар за Велс, Росио Сифуентес го поздрави потегот за отстранување на „Глувци и луѓе“, велејќи дека тоа „ја заштитува благосостојбата“ на децата кои се жалеле на тоа како се чувствуваат за време на дискусиите за негативното прикажување на црнците во книгата. „Тие често се единственото црно дете во тој клас, а дискусиите се фокусирани на многу погрдни и негативни портрети на црнците“, рече таа.

Велшката опозициска политичарка Наташа Асгар ја критикуваше одлуката, велејќи дека таа е контрапродуктивна во борбата против расизмот.

„Наместо да го забрануваме ‘Глувци и луѓе’, треба да го ставиме во историски контекст, покажувајќи им на учениците колку отворениот расизам и сексизмот беа вообичаени и прифатени во минатото, и зошто тоа беше штетно и погрешно. Цензурата не го решава проблемот; ги спречува младите луѓе да се соочат и да ги разберат овие предрасуди, од кои некои, за жал, продолжуваат“, смета Асгар.