ГН на Австралија: За Норис првиот слободен тренинг, за Леклер вториот

Ландо Норис од тимот на Мекларен победи на првиот слободен тренинг за Големата награда на Австралија во петокот во Мелбурн, а Шарл Леклер во болидот на Ферари бше најдобар во вториот.

Норис го постави најбрзиот круг (1:18.564) на првиот тренинг (ФП1) кој беше прекинат во последните 20 минути откако возачот на Вилијамс, Алекс Албон, го уништи својот болид во судир на шестата кривина кај Алберт Парк.

Втор беше актуелниот светски шампион Макс Верстапен од Ред Бул со 0,018 секунди заостанување, а трет Џорџ Расел од Мерцедес.

На вториот тренинг, Леклер извозе круг за една минута и 17,277 секунди, за 0,381 секунди побрзо од Верстапен.

Карлос Саинз успешно се врати на своето тркачко седиште во Ферари две седмици откако беше подложен на операција на слепото црево, поставувајќи го третиот најбрз круг на вториот слободен тренинг, откако заврши осми во ФП1.

Третиот тренинг се вози ноќта од петок кон сабота, квалификациите се закажани за сабота во шест часот наутро по македонско време, а трката за Големата награда на Австралија в недела со почеток во пет часот наутро.