Австралијка којашто во јагоди ставала игли за шиење во понеделникот е изведена пред судот, откако ден претходно ја уапси полицијата и покрена постапка против неа за седум случаи со подметнување игли.
Полицијата во Бризбејн соопшти дека во јагодите со игли била пронајдена ДНК на 50-годишната Мај Ут Трин, која работела како надзорник на фарма за јагоди северно од Бризбејн.
Судијката Крстин Рони прецизираше дека таа во текот на неколку месеци ставала метални предмети во овошјето, како и дека одмаздата или ќелбата некому да се наштети била мотив за нејзиниот чин. Доколку биде прогласена за виновна, таа се соочува со казна затвор до 15 години.
Локалните медиуми, пак, тврдат дека таа сакала да предизвика финансиска штета на фармата каде работела. Австралиската индустрија на јагоди е проценета на 160 милиони долари и во септември годинава беше потресена кога пристигнале речиси 200 пријави од купци за најдени игли во јагоди и друго овошје. Неколку синџири супермаркети го повлекоа овошјето, коешто купувачите престанаа да го купуваат и производителите мораа да убништат големи количества од родот, а многу компании дојдоа во опасност да паднат во стечај.
„Ова е можеби еден од најтешките случаи на истраги во кои сум учествувал“, изјави началникот на полицијата на сојузната држава Квинсленд, Џон Вакер, за новинарите во Бризбејн, во кој беше забележан првиот случај на подметнување игли кога маж кој изел јагода се пожалил на болка.