Конвој од околу 500 трактори во средата влезе во центарот на Мадрид, каде шпанските земјоделци се обидуваат да стигнат до зградата на Министерството за земјоделство, незадоволни од бирократијата на Европската унија и од сегашното ниво на државна помош.
Десетици трактори се на Плаза де ла Индепенденсија, во центарот на шпанската престолнина, трубејќи, додека стотици гневни демонстранти со шпански и регионални знамиња се пред полицискиот кордон, според снимките од јавната телевизија TVE. Демонстрантите во жолти флуоресцентни елеци, извикувајќи навреди кон социјалистичкиот премиер Педро Санчез, се обидуваат да стигнат до зградата на министерството, која се наоѓа веднаш до блиската железничка станица Аточа.
Десетици припадници на интервентната полицајци пред демонстрантите и им го блокираат пристапот до зградата, додека во тензична атмосфера, некои се обидуваат да го пробијат кордонот со извици „на нив“.
Фармерите протестираат ширум Шпанија веќе две седмици, барајќи од владата повисоки субвенции во готовина, ограничување на увозот на храна од соседно Мароко и менување на Заедничката европска земјоделска политика на ЕУ, која им наметнува строги еколошки прописи. Тие се противат и на претходно објавениот договор за слободна трговија на ЕУ со јужноамериканскиот блок Mercosur. Земјоделците се жалат и дека цените на горивата и вештачките ѓубрива поскапеле по избувнувањето на војната во Украина пред две години.
Иако претходно ја најавија „La tractorada“, односно поход на трактори по Мадрид, тие дури во средата од различни делови на земјата тргнаа кон главниот град. Властите дозволија влез на 500 трактори, кои во средата го прекинаа јавниот превоз во центарот на градот.
„Луѓето сега претпочитаат да купуваат храна од увоз бидејќи е поевтина, но кога ние во Шпанија веќе нема да можеме да произведуваме квалитетна храна, тие ќе се сетат зошто сме тука“, порача демонстрантката Маријана Фуенте Родеро, која одгледува маслинки во провинцијата Кастиља, во Ла Манча.
Шпанија е еден од најголемите европски производители на маслиново масло, портокали, лимони, вино и риба.
Земјоделците ширум Европа со седмици протестираат поради увозот на поевтина храна и регулативата на Европската унија која воведе строги мерки за заштита на животната средина кои го поскапуваат производството. Во Шпанија дополнителен проблем е повеќемесечната суша.