Активистите на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ соопштија дека подготвиле новогодишно „пакетче“ со барања до градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, кои се однесуваат на парк-шума Водно и дека симболично ќе му ги предадат утре во 11 часот во просториите на Град Скопје, во присуство на медиумите.
Незадоволни од бројните нерегуларности кои го следат функционирањето на нашата парк шума Водно, решивме да ги изнесеме сите нешта кои би можеле да придонесат во решавањето на проблемите. Ги срочивме овие точки во облик на наши барања до Град Скопје, како институција надлежна за парк шумата Водно и единствена која има инструменти за нивна реализација. Барањата се конкретни, бараат вложувања на време, пари и човечки ресурси но бенефитите од нив сметаме дека се конечни и далекусежни“, се вели во соопштението испратено до медиумите од страна на еколошките активисти од оваа иницијатива.
Од „Го сакам Водно“ се уште не ја откриваат содржината ниту бројот на барањата, но најавуваат дека тие се однесуваат на сите проекти кои се во тек на реализација на падините на Водно, како што се гасоводот, Сончев град, телекомуникациската кула, но и на ветеното донесување на законот за заштита на парк-шумата и дека ќе бидат и формално поднесени до градските власти преку архивата на градот.
Се надеваме дека претпразничниот гест на предавање на барањата во Град Скопје, кои имаат за цел заштита и зачувување на Парк Шума Водно, ќе претставува вистински предизвик за градоначалникот во новата 2019-та“, велат од „Го сакам Водно“.