Пред 119 години, за малку сребреници, од оние на кои им пречеше македонското будење, македонската борба за слобода, македонскиот стремеж за самостојна и независна држава, Гоце беше предаден, или продаден, сеедно. Гоце како херој, како идеолог, како Македонец. Гоце, како метафора на македонското постоење. И Гоцета го убија. Му ја пролеаја крвта, му го сопреа здивот, му ги затворија очите. Но, мислата на Гоце остана да лебди над Македонија, а срцето на Гоце да чука во градите на секој Македонец.
Годинава, Гоцета повторно го предадоа, или продадоа, сеедно, како херој, како идеолог, како Македонец, но најмногу како метафора на македонското постоење. Но, овојпат, покрај сребрениците кои скришум ги пикаат по џебовите, уште и за малку власт, за многу потчинување пред штогоде странски авторитети, за извршување на антимакедонската агенда, за божемен датум за влез во чекалницата на ЕУ, во онаа чекалница во која и нашите внуци ќе ја поминат младоста. Овојпат сакаат да му ја убијат мислата, да му го откорнат срцето од македонските гради. Да ја убијат метафората на македонското постоење.
Притоа, она што е најстрашно успеваат од ден во ден, од се’ она што до скоро како народ не’ обединуваше, да создадат место каде што делбите се продлабочуваат. Тоа го сторија со чествувањето на Илинден на Мечкин Камен, тоа го прават и со чествувањето на Гоце во Свети Спас. Само затоа што ништо не е свето за нив, за внуците на УДБА, за оние кои ја промовираа тезата дека „Тито ја создаде македонската нација“, теза која бугарската официјална политика со две раце ја приграби.
Децата од „нова Југославија“
И, за да станат работите јасни, треба да знаеме дека во моментов, во друштвото на Монти Пајтон (Владата на Република Македонија), трите клучни позиции – премиерската, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана – ги имаат луѓе кои доаѓаат од огранокот, или како и да се вика, на СДСМ од Куманово. Оној истиот што години после осамостојувањето на државава, донесе одлука плоштадот во Куманово да се вика „Нова Југославија“.
Денес тие, децата од „Нова Југославија“, се пазарат со коските на Гоце и веројатно евтино ќе ги продадат, бидејќи не го чувствуваат како свој зашто како што во наплив на лудило некои нивни членови на социјалните мрежи ќе напишат дека „Гоце не се борел за Северна Македонија“, а уште помалку за „Нова Југославија“. И навистина, што ќе им е таков, кога со ништо не придонел за нивната кауза, кога и мртов со коските во Свети Спас ја попречува идејата на Вучиќ, Рама и Заев за „Нова Југославија“ (Отворен Балкан) и идејата на Петков и Османи за поделба на Македонија.
Двојните стандарди – во Македонија
Македонските војници – во Украина
Откако министерката за одбрана објави дека македонската армија е веќе подготвена да маршира кон Москва за да ја спречи, според британските „служби“, тукушто непочнатата воена руска агресија врз Украина, светот како да здивна. Па веднаш, за да се спречи можното уништување на руската армија од наша страна, започнаа дипломатските обиди за мир. После Орбан, во Москва патува и Макрон, без никој од нив да ги понуди своите армии за справување со „руската опасност“, туку во обид да ги сочува различностите како услов за светски мир. Само децата на „Нова Југославија“, оние кои со цел глас ја пееја „Америка и Енглеска биче земља пролетерска“, додека беа слуги на Белград, сега како „We are NATO“ папагали и послушници на Вашингтон, неповикани од никого се подготвуваат за војна.
Или можеби, сепак, повикани. Еве што пишува американската амбасадорка во Македонија, Брнз, повикувајќи се на изјавата на американскиот државен секретар Блинкен:
„Кога се зборува за кризата во Украина се зборува и за начелата кои веќе со децении го прават светот побезбеден и постабилен. Тие начела се следните – границите и територијалниот интегритет на една држава не може да се променат со сила; граѓаните во една демократска држава имаат право да одлучуваат за својата земја и да ја одредат нејзината иднина; сите членки на меѓународната заедница се обврзани со заеднички правила и треба да се соочат со последици доколку не ги исполнат сериозните обврски кои ги преземаат“.
И до тука е се во ред, но:
– Зошто граѓаните на Република Македонија немаат право да одлучуваат за својата земја и да ја одредат нејзината иднина?
– Зошто некои членки на меѓународната заедница, иако обврзани со заедничките правила не се соочуваат со последици заради неисполнување на обврските за немешање во внатрешните работи на друга држава?
– Зошто за „демократиите“ од Атина и Софија и нивното мешање во внатрешните работи на една независна и суверена држава не постојат истите веќе со децении усвоени начела кои важат за „режимот“ од Москва?
Кога ќе го имате одговорот, ќе го имате и решението на сите проблеми со кои го соочувате светот, а одговорот ќе го имате ако го прочитате Македонецот Гоце Делчев:
„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.
Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес