Четириесет и првата по ред Галичка свадба оваа година ќе започне на 12 јули, со што ќе биде означен почетокот на овогодишното Галичко лето. За прв пат оваа година на Галичката сведба ќе се венчаат два пара. Во брак ќе стапат Ана Гареска и Иван Сариевски, внук на доајенот на македонската народна музика, Александар Сариевски, како и Стефан Куковски и Маргарита Ивановска, со што ќе биде означен почетокот на Галичкото лето.
Покровител на оваа традиционална манифестација е Министерството за култура. Свадабата обединува над 30 свадбени обичаи карактеристични за мијачкиот крај од кои повеќето и денес се изведуваат и на другите свадби.
Свадбата ќе започне на 12 јули, а ќе трае до 13 јули и активностите ќе се одвиваат по традиционален утврден тек на манифестацијата. Свадбата ќе започне со китење и редење на бајракот и фрлање пушка, за потоа да продолжи со пречек на топаните, свекрвино оро, невестинското и тешкото оро и на крај невестите одат по вода.
Во склоп на Галичкото лето, од 7 до 9 август ќе се одржи Галичка книжевна колонија, на која ќе присуствуваат дваесет писатели, меѓу кои и Матеа Матевски, Радован Павловски и Венко Андоновски.