Годинава ќе бидеме сведоци на вистински градежен бум во општините

Ги менуваме ликот и функционалноста на општините, вели министерот за локална самоуправа и регионален развој, Златко Перински, во интервју за порталот Плусинфо.

„Можеби ќе звучам нескромно, но искрено, презадоволен сум од сработеното, со оглед на околностите со кои се соочив кога стапив на функцијата, особено кога станува збор за кадровата екипираност и стручноста на поголемиот дел од Министерството. Со јасна визија, искрена посветеност и поставени конкретни цели, развивме систем што ги искористи сите наши капацитети и ресурси, насочени кон надминување на недостатоците и започнување на реализација на поставените цели. Полека, но сигурно, успеавме да постигнеме значителен напредок“, вели Перински на барањето да даде оценка на досега сработеното во ресорот што го води.

Посочува дека со Владата го исполниле ветеното за финансиска поддршка на општините, поточно дека преку распишавањет на јавниот повик, успешно ги продолжиле и зајакначе партнерските односи и соработката со важни меѓународни партнери како швајцарската влада, УНДП и други.

„Заедно започнавме и завршивме низа проекти кои, меѓудругото, имаат директно влијание на поттикнување на економскиот развој во сите општини и региони. Еден од значајните сегменти на нашата работа минатата година, кој продолжува и оваа година, се проектите финансирани преку ИПА програмата фокусирани на развојот на пограничните региони, што е важен аспект на регионалниот развој“, вели министерот.

Перински вели дека е особено горд што на негова иницијатива за измени и подобрување на Законот за локална самоуправа се преточил во реалност.

„На крајот на годината започнавме со процесот на отворање на законот преку широки јавни дебати во насока на негово подобрување за зголемена транспарентност и отчетност на општините, унапредување на учеството на граѓаните во управување со локалните политики, воведување комунални редарски служби и развој на недоволно развиени подрачја, сето тоа во интерес на општините, а пред сè на граѓаните. Секако, пред нас има уште многу работа, но сигурен сум дека сме на вистинскиот пат. Продолжуваме со посветеност и решителност да ги реализираме поставените цели“, додава.