Бројот на пабови во Англија и Велс падна под 39.000 првпат оваа година, откако многумина засекогаш ги затворија вратите под притисок на зголемените трошоци и штедењето на потрошувачите, покажуваат статистиките.
Податоците покажаа дека 412 пабови биле затворени или пренаменети во текот на годината до декември.
Затворањата на пабовите се резултат на зголемените трошоци и претпазливоста на потрошувачите оптоварени со високите трошоци и зголемените цени. Покрај тоа, буџетските мерки ќе стапат на сила во април 2025 година, кои се очекува нагло да ги зголемат трошоците за многу сопственици на пабови.
Вкупниот број пабови во Англија и Велс, вклучувајќи ги и оние празните и понудени за изнајмување, падна на 38.989, покажа статистиката.
Во текот на годината во просек се затворале по 34 пабови месечно, што значи дека процесот се забрзува. Имено, бројот пабови падна најмногу од 2021 година, кога беа погодени од пандемичните ограничувања и скок на цените на енергијата.
Од почетокот на 2020 година, бројот на британски пабови е намален за повеќе од две илјади.
Најновите податоци покажаа и дека Лондон ќе изгуби најмногу пабови во 2024 година. Бројката падна за 55, на 4.370.
„Многу сопственици на пабови со кои разговараме се многу загрижени дека ова би можел да им биде последен Божиќ со оглед на комбинацијата на зголемени трошоци за работодавците, зголемување на минималната плата и намалување на даночните олеснувања за малите бизниси“, вели аналитичарот на Altus Grup, Алекс Пробин.
„Многу пабови едноставно повеќе нема да бидат остварливи, што ги прави нивните локации попривлечни за алтернативни инвестиции“, додава тој.
„Пиварниците и пабовите инвестираат милијарди и поддржуваат повеќе од милион работни места, така што затворањето може да има катастрофален ефект врз националниот буџет и пазарот на трудот“, изјави извршната директорка на British Beer and Pub Association, Ема Мекларкин.