Годинава помалку Американци сметаат дека Кина и Русија се главните непријатели

Процентот на Американците коишто сметаат дека Кина и Русија се меѓу главните непријатели, како што се наведуваа во доктрината за националната безбедност на САД, е намален на почетокот на годинава во однос на минатата 2023 година, покажуваат резултатите од истражувањето на Gallup објавени претходно седмицава.

Според истражувањето на јавното мнение, 26 отсто американски граѓани ја перципираат Русија како „главен непријател“ на нивната татковина, додека во 2023-та овој показател изнесувал 32 отсто. Истовремено, такво мислење за Кина во моментов имале 41 отсто од испитаниците, додека една година претходно оваа позиција ја застапувале 50 отсто од Американците.

Од друга страна, пак, расте бројот Американци кои за главен непријател на Соединетите држави го сметаат Иран. Според објавата на Gallup, овој процент од 2 во 2023-та минатиот месец се искачил на 9 отсто. Тоа му се припишува на фактот што покрај традиционално воено влијание на Техеран во Либан преку шиитското движење Хезболах, во Ирак и во Сирија, јакне иранската поддршка за борците на милицијата Ансар Алаа на шиитското движење Хусити, кое контролира голем дел од Јемен и изведува напади врз бродовите во Црвеното Море.

Северна Кореја, која и покрај меѓународните санкции не престанува со своите нуклеарни и ракетни програми и провокациите на САД и нивните сојузници на Пацификот, сега како главен американски непријател ја доживуваат 4 отсто, додека пред една година биле 7 проценти.

Истовремено огромно мнозинство од Американците кои учествувале во истражувањето имаат негативна позиција кон Русија, и малку помалку кон Кина. Така, 86 отсто од испитаниците имале „целосно негативно“ мислење за Русија, додека само 8 проценти изразиле „целосно позитивен“ став. Во однос на Кина, пак, 77 отсто искажале „целосно негативен“ став, додека 20 проценти имале позитивен став.

Истражувањето било спроведено од 1-ви до 20-ти февруари, врз репрезентативен примерок од 1.016 возрасни жители на САД, а маргината на можна грешка од 4-процентни поени.