Годинава повеќето азиски берзи бележат раст

На азиските берзи се тргуваше тивко во вторникот, бидејќи немаше големи вести и неколку земји беа затворени на новогодишната ноќ, при што повеќето од берзите во регионот забележаа раст оваа година.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции беше намален за 0,2 отсто, но и оваа година е на пат кон добивка, вторпат по ред – за приближно 8 отсто.

Во Австралија, Тајван и Шангај цените на акциите во првиот дел од тргувањетопаднаа, додека во Хонгконг благо пораснаа. Во Јапонија и Јужна Кореја на Нова година не се работи.

И покрај падот од претпладнето, шангајските берзански индекси годинава пораснаа за околу 14 отсто, што е нивен прв раст по две години пад. Во Хонгконг, пак, по четири години пад, цените на акциите се зголемија за речиси 18 отсто во 2024 година.

„Растот на кинеските берзи оваа година изненади многу инвеститори, со оглед на бавниот раст на тамошната економија. Но, инвеститорите беа охрабрени од стимулативните монетарни и фискални мерки, воведени во втората половина од годината“, пишуваат аналитичарите на компанијата „Value Partners“ во освртот за состојбите на пазарите.

Во Јапонија, пак, индексот Nikkei оваа година скокна за околу 20 отсто.

Меѓу ретките губитници, пак, беше јужнокорејскиот индекс Коspi, кој годинава падна за околу 9 отсто, што најмногу е последица на длабоката политичка криза во последните недели, која доведе до импичмент на претседателот.