Гогов останува во Вардар до 2026 година, ќе добива поголема минутажа

Македонскиот голман Васил Гогов потпиша нов договор со Вардар 1961 и ќе го носи дресот на клубот во следните две сезони. Младиот чувар на мрежата го продолжи договорот со клубот до јуни 2026 година.

Гогов од 2019 година е дел од Вардар и секоја сезона се повеќе се наметнува со својот квалитет, а менаџментот на клубот верува дека тој ќе биде клупскиот „фактор Х“ во иднина и уште повеќе ќе се докаже со своите настапи.

Гогов зад себе како член на Вардар има искуство со играње и во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, за клупски соиграчи имаше повеќе познати голмани и работеше и со неколку искусни тренери на голмани во Вардар.

„Гогов е голман кој е иднината на македонскиот ракомет и тој допрва ќе блеска. Вардар е задоволен од неговото напредување и е убеден во уште подобри игри во иднина. Досега секогаш беше дел од голмански тим каде можеше да научи и да „украде“ од поискусните и време е да добие поголема минутажа во иднина. Вардар секогаш е место каде има шанса за докажување и напредување“, изјави Борко Ристовски, извршниот директор на Вардар 1961.

Васил Гогов со екипата на Вардар низ кариерата ја освои титулата во домашното првенство, беше победник на Купот на Македонија, како и со Суперкупот на Македонија.