Новак Ѓоковиќ вчера попладне го доигра својот осминафинален натпревар со Кевин Андерсон кој траеше два дена, но покрај победата во петтиот одлучувачки сет со 7:5, британските медиуми на големо го издвојуваат, а воедно го осудуваат потегот од петтиот гејм кога српскиот тенисер и се развика на едно од девојчињата кои собираат топчиња.
Светскиот рекет број еден загуби еден поен при резултат 30:15 за него, а очигледно исфрустриран од тоа како се одвиваше тој гејм, гласно се развика кон едно од девојчињата, за што беше исвиркан и од страна на присутните гледачи во трибините.
По мечот, Ѓоковиќ не можеше да го избегне ова прашање на прес-конференција, а слично како и во Мајами (кога преплаши едно момче), Србинот и овој пат порача дека гласниот крик не бил наменет за девојчето кое собира топчиња.
“Навистина ми е жал. Тоа не беше наменето за неа. Можеби се преплаши од моето вриштење, но тоа е така само поради тоа што беше навистина блиску до мене. Ветувам само едно. Со сигурност ќе се обидам да и се извинам, не сакав да направам нешто лошо”, истакнал Ноле кој во слична ваква ситуација се најде и на Мастерс турнирот во Мајами на финалниот меч против Енди Мари.