Голем аеромитинг ќе се одржи утре, сабота 16.09.2023, на спортскиот аеродром Стенковец, кај Скопје со кој ќе се одбележат 100 години од основањето на Аероклуб Скопје, што всушност претставува и раѓање на македонската авијација.
За ова уникатно доживување подготвена е богата програма во која ќе учествуваат повеќе од 30 различни воздухоплови од земјава и од странство, како и падобранци од нашата земја и пријатели на клубот од целиот регион.
Аеродромските врати ќе бидат отворени во 9 часот за посетителите, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме досега во воздух, а едриличарите ќе изведат акробации од кои застанува здив. Во програмата се предвидени и акробатски летови, а ќе учествуваат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување, владиниот авион Лирџет 60, полициските хеликоптери Bell, и хеликоптерот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.
Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и на Грција. На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот, наречен „Илинденка“, светиот грал на Македонското воздухопловство, кој во соработка со Министерството за одбрана на Република Северна Македонија привремено е донесен за да може да биде претставен на посетителите и на целата јавност.
Влезот на аеромитингот е слободен за секој љубител на летањето. Препорачливо е посетителите да се подготват како за пикник. Пожелно е да носат подлога за седење, а слободно може да се понесат камперски столчиња и слични помагала. Посетителите може да си носат и јадење и пиење, а организаторот ќе обезбеди штандови со кетеринг и на самиот аеродром.
Обезбеден е и бесплатен превоз за граѓаните со автобуски линии кои од 08.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда (кај ЈСП), Транспортен центар, Ѓорче Петров (кај пазарот на вториот кружен тек), Бутел (кај Еделпром) и Спортската сала Борис Трајковски.
Автобусите ќе возат во двата правци. Од 08.30 до 14.00 часот кон аеродромот Стенковец, а од 14.30 до 19.00 часот кон петте локации во Скопје.
На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси бидејќи паркинг местата се со ограничен капацитет.