Парична награда од по 10 илјади денари за март, април и мај годинава за придонесот и дополнителниот ангажман на вработените во Министерството за одбрана и на припадниците на Армијата за надминување на состојбата со ковид-19, побара на денешната прес-конференција Синдикатот на одбраната и безбедноста (СОБ).
Претседателот на Синдикатот Ристо Ајтов информира дека голем број армиски припадници се заболени од коронавирус, а поголем број се и во самоизолација. За ваквата состојба, подвлече, се одговорни МО и Армијата, пренесува МИА.
Тој потсети дека припадниците на Армијата беа ангажирани при заштита на жариштата во општините низ државата, патролирање и одржување ред во населените места, обезбедување на претседателот, Владата и Собранието, контрола на почитување на заштитните мерки донесени од Владата, контрола и надзор на државната граница, заштита на хотелите во кои престојуваат лицата во државен карантин…
Од Синдикатот искажаа револт за, како што посочија, лошите услови за работа и непочитување и намалување на правата од работен однос на вработени во МО и АРМ.
„Цели касарни немаат вода за пиење, а зимскиот период нема греење, санитарните јазли во голем дел се во очајна состојба, голем дел од техниката и превозните средства се неупотребливи, евидентен е недостатокот на опрема, униформа, чизми и ХТЗ-опрема. Личната опрема е во фаза на распаѓање, сѐ уште има неквалитетна исхрана и недостиг на намирници“, рече Ајтов.
Ваквата состојба, според него, особено со санитарните јазли е добра подлога за појава на нова епидемија која може да ја преполови и многубројната состојба на Армијата, а со тоа, како што рече, да се загрози и безбедносната состојба на државата.