![vlada](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/vlada1.jpg?resize=640%2C425&ssl=1)
Над 300 граѓани денеска поминаа на црвениот тепих на Владата, запознавајќи се со начинот на функционирање на оваа висока државна институција.
„Потикнати од иницијативата што Владата ни ја овозможи преку отворениот ден на граѓаните, пред се иницирани од страна на учениците кои пројавија голема желба да дојдат во Владата, да ја видат институцијата и сите луѓе кои работат во неа, инициравме да дојдеме сите бидејќи училиштето ‘Гоце Делчев’ гравитира многу блиску до Владата. Ова беше несекојдневна можност за сите ученици и за нас како вработени да видиме како функционираат институциите кои се грижат за државата“, изјави директорката на училиштето Соња Илиевска Гоџирова.
Од година во година интересот за оваа акција станува се’ поголем и се’ повеќе граѓани сакаат да бидат дел од истата.
„Суштината е да се покаже една полна транспарентност која се практикува во функционирањето, да може преку црвениот тепих, граѓаните да дојдат во Владата да се запознаат со амбиентот кој владее, да може да присуствуваат на некој од настаните, да се создаде една интеракција, тоа е сепак Влада на граѓаните, нивна Влада и добро е тие да бидат гости во нејзе, да се запознаат со функционирањето, да имаат можност да поразговараат со дел од раководните лица кои ќе се затекнат во вршењето на службените работи“, рече владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Целокупниот концепт „Денови на отворена Влада“ се одржува од 2007 година, а во следниот период овие настани ќе бидат надградени со нови инвентивни решенија за дополнителна транспарентност и отвореност.