Голем дел од Скопје в сабота ќе нема вода

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, в сабота ќе го затвори главниот цевковод Ф1600мм во кругот на касарната во населбата Ѓорче Петров, со цел да се изврши санација на дефект кој предизвика неколкудневно излевање на вода на улицата „Никола Парапунов“ во Карпош 4.

Затворањето ќе трае до завршувањето на интервенцијата, а во соопштението од претпријатието се додава дека освен овој дефект, ќе бидат санирани и уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод, на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Никола Парапунов“.

„Затворањето на главниот градски цевковод Ф1600мм се прави еднаш на 50 години, а последниот пат беше извршено во 1991/1992 година, за приклучување на водоводот од бунарското подрачје Лепенец. За оваа интервенција е изготвен сложен оперативен план кој ќе овозможи побрзо и поефикасно решавање на дефектите“, се наведува во соопштението.

Преку реализацијата на оваа санација, „Водовод и канализација“ истакнува дека ќе се намали загубата на вода од протекување и ќе се овозможи ревитализација на водоводниот потег од Ѓорче Петров до Карпош. Со замената на старите затварачи и рехабилитација на хидротехничката опрема, ќе се подобри трајноста на водоводната мрежа и притисокот во системот. Воведувањето на зони за контрола на загубите ќе ја забрза санацијата на дефектите и ќе помогне во намалување на загубите на вода во целокупниот водоводен систем.