![gruzija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/06/gruzija.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Грузија економски профитираше од војната во Украина. Економскиот раст на оваа држава од почетокот на војната е 10 отсто. Екатерина Гунцадзе, заменик-министер за финансии на Грузија, рече дека воениот фактор во економскиот раст треба да се гледа како исклучок.
Во Грузија емигрирале 100.000 Руси. Како што пренесува „Пословни дневник“, многу Руси ги преселиле своите ИТ компании во оваа мала земја со 3.7 милиони жители. Русите во два брана се доселиле во Грузија. Првите дошле веднаш откако Русија ја нападна Украина лани во февруари, а вториот бран се доселил по половина година.
Како што објави Wirschaftswoche, според истражувањето на германскиот економски тим, 84 отсто од Русите кои се преселиле во Грузија се високообразовани, а скоро 60 отсто од нив работат во ИТ секторот. Нивната просечна месечна плата е 2.600 американски долари. Тоа се многу повеќе пари од примањата на Грузијците кои заработуваат во просек околу 650 американски долари месечно.
Во земјата се зголеми извозот на текстил и храна во Русија, како и бројот на реекспортирани автомобили. Покрај тоа, извозот на грузиско вино во Русија лани е зголемен за 23 отсто во однос на претходната година.
Русите во Грузија можат да патуваат без визи. Лани 20 отсто од сите туристи во Грузија биле од Русија. Тоа е за 4,3 отсто повеќе од 2021 година. Севкупно, лани Грузија примила околу 3,6 милијарди американски долари од дознаки, туризам и извоз на стоки од Русија, три пати повеќе во споредба со една година порано.