Преговарачите на конференцијата на Обединетите нации за биодиверзитет во Монтреал се согласија да стават под заштита најмалку 30 проценти од копнените и морските области во светот до 2030 година.
Како што пренесе ДПА, во Конвенцискиот центар во Монтреал денеска дошло до гласни овации кога беше објавено дека претставниците на владите ширум светот го постигнале историскиот договор по речиси двонеделни разговори.
Согласно заедничката рамка, исто така, ќе се зголеми финансирањето – особено за земјите во развој и малите островски држави – за проекти за спречување на понатамошна загуба на биолошката разновидност. Патоказот предвидува мобилизирање на 200 милијарди долари до 2030 година од јавни и приватни извори.
Во моментов, околу 17 проценти од копнените и внатрешните водни екосистеми и 10 проценти од морските области се под формална заштита, соопштија ОН.
Организаторите, научниците и претставниците на невладините организации од 7 декември во Монтреал се на состанок на Конференцијата на Обединетите нации за биолошка разновидност, или КОП15. Средбата денеска треба официјално да заврши.
Првично, 15-та конференција на ОН за биолошка разновидност требаше да се одржи во Кина во 2020 година, но потоа беше одложена и поделена поради тековната пандемија во земјата.
Првиот дел од преговорите се одржа минатиот октомври, главно преку интернет, во кинескиот град Кунминг.